Руските сили со засилени напади во источна Украина

Напади во Северодонецк.

Руските сили продолжија да го гранатираат Донбас во услови кога украинските власти соопштија дека ситуацијата на целата линија на фронтот на исток е „исклучително тешка“, а претседателот Володимир Зеленски предупреди дека Москва е „многу нервозна“ поради приближувањето на одлуката на Европскиот совет за доделување кандидатски статус за Украина членство во ЕУ.

Украинските сили продолжуваат да ги бранат Лисичанск и Северодонецк, каде се водат најтешките борби, изјави воениот гувернер на Луганск, Серхи Хејдеј.

Хејдеј посочи дека руските сили имаат контрола врз поголемиот дел од Северодонецк, но не и врз хемиската фабрика Азот, каде стотици цивили се засолнети со недели. Тој рече дека патот што ги поврзува Северодонецк и Лисичанск со градот Бахмут е под постојан оган.

„Лисичанск цел ден страда од масовно руско гранатирање. Засега е невозможно да се утврди бројот на жртви“, рече тој, додавајќи дека гранатирањето е можеби најтешкото што градот досега го доживеал.

Зеленски порача дека Москва ќе ги ескалира нападите пред самитот на ЕУ подоцна оваа недела.

„Чекор по чекор поминуваме низ клучна недела и правиме се секој ден за никој да не се сомнева дека Украина го заслужува статусот кандидат за ЕУ. Ние секој ден докажуваме дека веќе сме дел од обединета Европа“, рече тој.

Украина аплицираше за членство во ЕУ неколку дена по почетокот на руската инвазија на 24 февруари. Лидерите на земјите членки на ЕУ ќе ја разгледаат апликацијата на самитот на 23 и 24 јуни.