Вучиќ ќе одлучи дали ќе оди во Брисел по консултации со колегите од „Отворен Балкан“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ денеска изјави дека одлуката да се оди на претстојниот Самит на лидерите на ЕУ на 23 јуни во Брисел ќе биде донесена по консултации со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама, како и српската влада.

„Ќе почекаме, утре ќе одржиме консултации во рамките на „Отворен Балкан“ со Рама и Ковачевски, ќе одржам консултации со членовите на српската Влада и потоа ќе донесеме одлука дали ќе одиме во Брисел и каква позиција ќе имаме,“ рече Вучиќ.

Тој вели дека претстојниот настан ќе биде многу важен за Европа.

Министерката за евроинтеграции на Србија, Јадранка Јоксимовиќ, на 14 јуни за јавниот сервис РТС изјави дека кластерот 3 нема да се отвори во јуни, иако е готов, бидејќи Србија не воведе санкции кон Русија. Кластерот 3, кој Србија очекува да го отвори во европските интеграции, меѓу другото вклучува реформи во информатичката технологија, медиумите, даночниот систем, економската и монетарната политика.

Србија преговорите за членство во ЕУ ги започна во јануари 2014 година, а во 2021 година ќе ја прифати новата методологија на Европската комисија, според која поглавјата се групирани во шест тематски целини или кластери. Го отвори својот прв кластер на 14 декември 2021 година. Четвртиот кластер е кластер на зелената агенда и одржливото поврзување. Со отворањето на тој кластер, Србија отвори 22 поглавја во пристапните преговори.

Лидерите на шесте земји од Западен Балкан се поканети во Брисел на првиот ден од Самитот на лидерите на ЕУ, што ќе се одржи на 23 и 24 јуни.
Конференцијата на високо ниво за Западен Балкан ќе се одржи на 24 јуни 2022 година во Брисел, а ќе се совпадне со вториот ден од планираната сесија на Европскиот совет, закажана за 23 и 24 јуни.