Војната, пандемијата и глобалната криза ги зголемија мигрантските движења

Илустрација

Војната, пандемијата и глобалната криза ги зголемија мигрантските движења, бегалските и хуманитарните кризи.

За жал, милиони луѓе во светот во моментов не се чувствуваат безбедни и стравуваат за своите и за животите на најблиските поради воените дејствија кои се одвиваат на териториите на нивните држави, вели народниот правобранител Насер Зибери во соопштението по повод Светскиот ден на бегалците.

„Токму во овие тешки и кризни премрежја од несогледливи размери, хуманоста и човечноста кон оние на кои тоа им е најпотребно треба да надвладее. Во оваа смисла како Институција која континуирано го следи постапувањето кон бегалците, ги повикуваме сите надлежни чинители безусловно да ги почитуваат човековите права и меѓународни стандарди, имајќи го предвид достоинството на овие лица и на тој начин покажувајќи ја својата хуманост и солидарност на дело“, апелираше народниот правобранител.

Оваа година 20 јуни – Светскиот ден на бегалците се одбележува под мотото „Секогаш и секаде, секој има право да се чувствува безбеден“.

Неодамна високиот комесар на Агенцијата за бегалци при Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека за прв пат во историјата е надмината границата од 100 милиони раселени лица низ светот, а бројот на луѓе принудени да ги напуштат своите домови се зголемува секоја година во текот на изминатата деценија.