Српската Влада издвои три милиони евра за бегалците од Украина

Илустративна фотографија - бегалци од Украина.

Владата на Србија соопшти дека на денешна седница донела одлука за испраќање финансиска хуманитарна помош за децата и бегалците во Украина во вкупен износ од три милиони евра.

Според соопштението, за помош на децата од Украина се издвоени средства во износ од 1,5 милиони евра, кои ќе бидат исплатени преку Детскиот фонд на Обединетите нации УНИЦЕФ.

Истата сума е предвидена и за помош на бегалците од оваа земја, која ќе се исплати преку механизмот на Високиот комесаријат за бегалци на ОН – УНХЦР.

Во мај, српските власти најавија дека ќе донираат три милиони евра за помош на децата и раселените лица во и надвор од Украина, објави Владата на Србија.

Исто така, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на 3 јуни при посетата на бегалците од Украина во градот Врање изјави дека Србија е подготвена да им помогне на секаков начин.

Откако Русија ја нападна Украина на 24 февруари, милиони луѓе ја напуштија земјата.

Србија неколку пати во Обединетите нации (ОН) се приклучи на осудата на Русија за руската агресија врз Украина, но земјата сè уште не воведе санкции против Москва.

Покрај пакетот помош за бегалците во Украина, членовите на Владата на истата седница донесоа и Заклучок со кој на граѓаните на Србија и Турција им се овозможи да ги преминат државните граници на двете земји со важечка биометриска лична карта.