Американски воен авион се урна во јужна Калифорнија

илустрација

Воен авион МВ-22B Оспри се урна во јужна Калифорнија, изјави портпаролот на американската морнарица за АФП.

Тој не кажа ништо за можните жртви на несреќата, но армијата ги демантираше информациите дека авионот превезувал радиоактивен материјал кога се урнал кај Гламис, на 35 километри од границата со Мексико.

Медиумите во Калифорнија јавуваат дека во авионот во моментот на несреќата имало пет маринци.

„Можеме да потврдиме дека авион на американската морнарица се урна во близина на Гламис. Воени и цивилни спасувачки тимови се на местото на несреќата. Авионот не превезувал радиоактивен материјал, како што можеше да се прочита на социјалните мрежи“, изјави портпаролот на морнарицата.

Поморската воена база, која се наоѓа недалеку од местото на несреќата во Јума, Аризона, има значителен број авиони МВ-22 Оспри со вертикално полетување.
Американската војска веќе имаше неколку несреќи со овој модел на авион, меѓу кои и за време на вежбата на НАТО во Норвешка во март, при што загинаа четири лица.