Денеска пресуда за „Талир 2“

Судење за случајот Талир (архивска фотографија)

Пресудата за случајот „Талир 2“ ќе биде објавена денеска во 12:30 часот, соопшти вчера судијката Даниела Алексовска Стојановска, која го води овој предмет, по завршните зборови на второобвинетиот Кирил Божиновски, поранешен генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ и на Владата, со што заврши главната расправа за предметот. „По завршување на главната расправа Советот ќе се советува, а објавувањето на пресудата се закажува за 8 јуни во 12:30 часот“, рече Алексовска Стојановска. Во „Талир 2“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, кој е во бегство, и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.

Обвинителството во случајот „Талир 2“ предложи седиштето на ВМРО-ДПМНЕ да биде одземено

Обвинетите се товарат за злоупотреба на службената положба, при што овозможиле правното лице ДГ „Бетон“ АД Скопје, да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, во времето кога фирмата имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија, спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи. Застапник на обвинението е јавниот обвинител Љубомир Лапе.