Баербок: Талибанската влада оди во погрешна насока

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во посета на Исламабад

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок вели дека меѓународната заедница мора да ја освести талибанската влада во Авганистан дека оди во погрешна насока.

„Нашето влијание врз она што се случува внатре во Авганистан е многу ограничено. Тоа зависи од тоа дали Талибанците ќе направат рационални избори во свој економски интерес, а тоа не е она што тие го прават во моментов“, рече Баербок за време на денешната посета на пакистанската престолнина Исламабад.

„Не е виновен авганистанскиот народ што нивната влада беше соборена од Талибанците“, додаде таа предупредувајќи на можна хуманитарна катастрофа во земјата разурната од војна.

Талибанците ја презедоа контролата врз земјата минатиот август кога меѓународните сили се повлекоа од Авганистан по две децении борби.

Повеќето земји во светот не ја признаваат владата предводена од Талибанците поради загриженост дека милитантите не ги исполнуваат своите ветувања за почитување на човековите права. Сепак, на 17 март, Советот за безбедност на Обединетите нации гласаше за воспоставување официјални врски со Авганистан.