Данците убедливо гласаа за учество во одбранбената политика на ЕУ

Гласачко ливче на референдумот за приклучување на Данска кон одбранбената политика на ЕУ

Убедливо мнозинство Данци, речиси 67 насто гласаа на вчерашниот референдум за приклучување кон одбранбената политика на ЕУ - покажуваат официјалните резултати. Претходно, излезните анкети, објавени веднаш по гласањето, покажаа дека околу две третини од Данците гласале за напуштање на 30-годишната политика на Данска да не се приклучува во заедничката одбранбена политика на Европската унија. „Данска испрати важен сигнал до нашите сојузници во Европа и НАТО и (до претседателот Владимир) Путин. Покажуваме дека кога Путин ќе преземе слободна земја и ќе ја загрози стабилноста во Европа, ние се здружуваме“, рече данската премиерка Мета Фредериксен.

Украина доби противбродски ракети од Данска

Референдумот е последниот пример на европска земја која бара поблиски воени врски со своите сојузници како одговор на руската инвазија на Украина. Претходно, Шведска и Финска донесоа историски важни одлуки за барање членство во НАТО, за што ќе се разговара на самитот на Алијансата следниот месец. Пред три децении Данска одлучи да не учествува во разговорите за безбедносната политика на ЕУ, развој и набавка на оружје. Исто така, таа досега не учествувала во заеднички воени операции на ЕУ. На референдумот во 1993 година, Данска, исто така, одлучи да не учествува во европската соработка за правда и внатрешни работи, заедничка валута и државјанство.