Џафери има право прво писмено да одговори на интерпелацијата

Macedonia - Talat Xhaferi, President of the Assembly

Претседателот на Собранието Талат Џафери, денеска ја доби интерпелацијата поднесена од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, по која тој ќе постапи согласно роковите и процедурите предвидени со Деловникот на Собранието, се вели во соопштението испратено до медиумите.

Во него е посочено дека според Деловникот , Џафери има право да достави писмен одговор на поставената интерпелација најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата.

Тоа би значело дека интерпелацијата ќе биде ставена на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, по истекот на 15 дена од денот на доставувањето на одговорот до пратениците.

„Ако одговорот не се поднесе во рокот утврден во членот 46 на овој Деловник, интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието“се вели во соопштението од Собранието.

ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација за собранискиот спикер Џафери

Според Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот.

Опозицијата поднесе интерпелација за Џафери во Собранието, како што велат, поради хаосот кој што се случува во Собранието, а е под директива на Џафери.

„Во досегашната работа, односно неработа на Талат Џафери, како претседател на Собранието, како никогаш досега не се случувале скандали и понижувања на пратениците само заради тоа што очигледно Џафери дефинитивно не сака или не знае капацитетно да води една демократска институција“, изјави неодамна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Собранискиот спикер пред неколку дена побара да се заклучат собраниските врати од салата, за службите да ги пребројат пратениците на 71 првата седница на која се распараваше по 15. точка од дневниот ред - Дополнет предлог закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Од неговиот кабинет реагираа дека спикерот не го прекршил Деловникот со образложение дека Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници.

Од кабинетот на Џафери ја обвинија опозицијата дека се обидува да создаде хаос во законодавниот дом.

На ова пак, претходеше аудио снимка којашто излезе деновиве по завршувањето на една од собраниските седници, а на која се слушаа пцовки и навреди од претседателот Џафери кон собраниските служби, за што Џафери изјави дека не чувствува вина и одговорност поради аудио снимката на која се слуша неговата кавга со службите.