Во Собранието утре ќе биде поднесена интерпелацијата за спикерот Џафери

Македонија - Талат Џафери - Претседател на Собрание

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во текот на утрешниот ден ќе ја поднесат формално интерпелацијата за претседателот на Собранието Талат Џафери, соопштија од партијата.

Опозицијата го обвинува Претседателот Џафери дека го прекршил Кодексот за етичко однесување на пратениците во Собранието и дека со начинот на кој ги води седниците, како што велат намерата е да се ускрати правото на говор и дебата, со цел – изгласување на закони кои се од бизнис интерес на коалицијата на власт.

„Имено, откако Џафери е избран за претседател на Собранието, сѐ почесто сме сведоци на скандали во неговото работење. Последен во низата беше скандалот кога пратениците на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ беа заклучени во салата во која се одржуваше пленарната седница. Во храмот на македонската демократија во македонското собрание на опозиционите пратеници им беше ускратено загарантираното право на слобода и движење“, велат од партијата.

Собранискиот спикер пред неколку дена побара да се заклучат собраниските врати од салата, за службите да ги пребројат пратениците на 71 првата седница на која се распараваше по 15. точка од дневниот ред - Дополнет предлог закон за спречување перење пари и финансирање на тероризам.

Од неговиот кабинет реагираа дека спикерот не го прекршил Деловникот со образложение дека Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници.

Од кабинетот на Џафери ја обвинија опозицијата дека се обидува да создаде хаос во законодавниот дом.

На ова пак, претходеше аудио снимка којашто излезе деновиве по завршувањето на една од собраниските седници, а на која се слушаа пцовки и навреди од претседателот Џафери кон собраниските служби, за што Џафери изјави дека не чувствува вина и одговорност поради аудио снимката на која се слуша неговата кавга со службите.

Според него, грешката е кај службениците, бидејќи не работеле, а пцовките не биле кон вработените, туку кон односот што го имале кон работата.