Молдавската премиерка смета дека поблиските врски со ЕУ не се замена за членство

Премиерката на Молдавија Наталија Гаврилита на церемонија во Кишињев, 9 мај 2022 година

Молдавската премиерка Наталија Гаврилита ги поздрави чекорите за зајакнување на соработката со Европската унија, но вели дека таквите иницијативи не можат да го заменат вистинскиот процес на пристапување во блокот.

Кишињев продолжи со напорите за приклучување кон ЕУ откако Русија ја нападна Украина и започна војна која се заканува да се прелее во Молдавија.

„Го поздравуваме секој механизам за зближување, подобрување на нашата соработка, сè додека тоа не го замени патот кон членство“, рече денеска Гаврилита на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.

Идејата на Макрон за Западен Балкан надвор од ЕУ

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно овој месец предложи наместо да се понуди полноправно членство во 27-члениот блок, да се создаде паралелен ентитет кој би можел да им се допадне на земјите аспиранти како Украина, Грузија или Молдавија. Тој го нарече „европска политичка заедница“ која ќе биде отворена за демократските европски нации кои се придржуваат до основните вредности на ЕУ.

Но, Гаврилита смета дека само полноправното членство во блокот ќе им понуди на земјите аспиранти целосни придобивки и стабилно место во заедницата со заедничка вредност, како што е ЕУ.

„Ние силно веруваме дека членството во Европската унија е всушност она што го дистрибуира овој мир, стабилност, просперитет заснован на вредности и сакаме да бидеме дел од слободниот свет и од ова семејство на ЕУ“, изјави премиерката.