Заврши средбата Ковачевски - Петков во Рим: Напредок нема, разговорите продолжуваат

Архивска фотографија : премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков

Заврши средбата во Рим меѓу премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, кои разговараа за напредокот во разговорите меѓу двете министерства за надвореши работи посветени на деблокада на македонскиот европски пат кон ЕУ.

Ковачевски изјави дека средбата со Петков била исклучително конструктивна и дека разговарале на повеќе теми, но рече дека во моментов не може да каже дали е постигнат напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија.

Македонскиот премиер додаде дека ќе продолжат разговорите меѓу експертските тимови на министерствата за надворешни работи на двете земји.

​„Штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри“, рече Ковачевски додавајќи дека доколку има документ кој што ќе биде заемно прифатлив, тој ќе биде презентиран јавно.

Ковачевски и Петков денеска во Рим ги предводеа државните делегации на одвоени чевствувања на Кирил и Методиј во Ватикан по повод 24 мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј.

Петков по средбата изјави дека најважно за двете влади е да имаат конструктивен дијалог и тој да продолжи. Тој рече дека не се обврзале за никакви рокови и дека единствено сакаат да го задржат добриот тон, а министерствата за надворешни работи на двете земји да продолжат да работат.

​Бугарскиот премиер рече дека владите на двете земји не треба да подлегнуваат на провокации од некои групи „кои се обидуваат да ги зголемат тензиите.“

Петков повторно рече дека е потребно да се свика Консултативниот совет за национална безбедност во Бугарија, на кој би се разговарало за сето она што досега го направиле владите на двете земји.

„Само преку конструктивен дијалог ќе можеме да продолжиме во насока на добрососедство што го сакаат двете влади“, рече Петков.

​Бугарија го блокира почнувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ од 2019 година и покрај тоа што двете земји две години претходно го потпишаа Договорот за добрососедство.