Украина загрижена за судбината на борците од Азовстал

Украински војници во Азовстал

Украина изрази загриженост за судбината на украинските војници заробени од руските сили по напуштањето на челичарницата Азовстал во пристанишниот град Мариупол на Азовското Море.

Истакнатиот руски пратеник Леонид Слуцки, шеф на фракцијата на Либерално-демократската партија на Русија во Државната дума и претседател на Комитетот за меѓународни прашања на Думата денеска изјави дека судбината на заробените војници, од кои многумина се членови на ултра националистичкиот Азовски полк, „треба да биде одреден од страна на трибуналот“.

„Моето мислење останува непроменето: не смее да има размена на членови на Азовскиот [полк], кој е забранет во Русија“, напиша Слуцки на својот канал Телеграм.

Украинските власти и роднините на војниците ја повикаа Москва да ги третира мажите како воени заробеници. Украинскиот вицепремиер Ирина Верешук вчера рече дека Киев „ќе се бори за враќање“ на секој од нив.

Руското Министерство за одбрана на 20 мај потврди дека неговите сили имаат целосна контрола врз огромната фабрика по неколкунеделните интензивни борби во градот во кои се проценува дека загинале околу 20.000 луѓе.

Украина го опиша повлекувањето од Азовстал како овластена „евакуација“, наместо како предавање.

Русија соопшти дека околу 2.500 украински војници се приведени во фабриката. Денис Пушилин, шеф на сепаратистичката група поддржана од Русија во украинскиот регион Доњецк, рече дека мисли оти затворениците ќе се соочат со „трибунал“.

Азовскиот полк е екстремно десничарска, волонтерска група која е дел од Националната гарда на Украина. Порано познат како батаљон Азов, се залага за ултранационалистичка идеологија која американските органи за спроведување на законот ја поврзаа со неонацистичкиот екстремизам. Но, поддржувачите го гледаат како патриотски и ефективен дел од одбранбените сили на земјата.