Британија: Молдавија да биде опремена според стандардите на НАТО

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас

Британската министерка за надворешни работи Лиз Трас изјави дека Молдавија треба да биде „опремена според стандардите на НАТО“ за да се заштити од потенцијална руска агресија. Во интервју за Телеграф, Трус рече дека се водат разговори со сојузниците за тоа како да им се помогне на помалите нации да се одбранат, имајќи ги предвид „амбициите на рускиот претседател Владимир Путин да создаде голема Русија“.

Според неа, целта е да се осигура дека Украина е „трајно способна да се брани“, а тоа важи и за другите „ранливи држави“ како Молдавија, која исто така не е членка на НАТО алијансата.

„Она на што работиме во моментов е заедничка комисија со Украина и Полска за надградба на украинската одбрана до стандардот на НАТО“, рече Трус.

Прашана за тоа дали сака да види западно оружје доставено до Молдавија, Трус рече: „Би сакала да ја видам Молдавија опремена според стандардите на НАТО. Ова е дискусија што ја водиме со нашите сојузници“.

На прашањето дали тоа е затоа што Русија претставува безбедносна закана за Молдавија, таа рече: „Апсолутно. Мислам, Путин беше јасен за своите амбиции да создаде поголема Русија.
Молдавија и нејзиниот мал отцепен регион Трансдњестар делат граница од околу 1.200 километри со Украина и стравувањата од прелевање на војната се интензивираа откако Русија ја започна инвазијата врз Украина на 24 февруари.

Претходно овој месец, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел вети дека ќе ја зголеми воената помош за Молдавија, чиј сепаратистички регион Трансдњестар, поддржан од Москва, објави неколку инциденти што доведоа до обвинувања дека Русија сака да ја дестабилизира поранешната советска република и веројатно да ја вклучи во нејзината војна против Украина.

Русија сè уште има околу 1.500 војници во Трансдњестар, за кои вели дека чуваат огромен магацин за оружје од времето на Советскиот Сојуз.