Се очекува став на СПЦ за разговорите со МПЦ-ОА

46-тиот патријарх на Српската православна црква Порфирије, 16 октомври 2021 година.

Денеска во Белград треба да се одржи седница на Соборот на Српската православна црква (СПЦ) по што се очекува да биде соопштено до каде е дојдено во разговорите со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА). Годишната седница на Соборот на СПЦ редовно се одржува во мај и на неа присуствуваат владици од Србија и странство. На Соборот се одлучува со мнозинство гласови, а гласот на патријархот е пресуден само кога тој однос е изедначен, но добива на тежина со неговиот личен авторитет. На крајот од седницата Соборот издава соопштение за донесените одлуки, но не се исклучени и соопштенија во текот на нејзиното одржување за некои особено важни прашања.


Дали МПЦ-ОА и СПЦ сега се блиску до решение на повеќе-деценискиот спор

Како што пренесуваат српските медиуми, јавност во Србија деновиве од македонските медиуми дознала за „тајни разговори меѓу СПЦ и МПЦ-ОА“, но и дека вселенскиот патријарх Вартоломеј ја призна македонската црква за канонска „под името Охридска архиепископија“. Сепак, како што посочуваат белградските медиуми, конечниот статус на МПЦ-ОА „допрва треба да се утврди“, а разговорите на црковната релација Белград – Скопје продолжуваат. Според српските медиуми, со својата одлука „за канонско признавање на Охридската Архиепископија“, патријархот Вартоломеј дејствувал како „прв по чест“ кој ги решава недоразбирањата меѓу црквите и дека преку признавањето на МПЦ за канонска „сака да ги преземе нејзините епархии во странство“.