Достапни линкови

Дали МПЦ-ОА и СПЦ сега се блиску до решение на повеќе-деценискиот спор


По одлуката на Вселенската патријаршија за канонско признавање на МПЦ-ОА, Српската православна црква три дена молчи. Аналитичарите сметаат дека тоа е знак дека двете цркви се на чекор поблиску до разрешување на пет деценискиот црковен спор. Пишува Душан Комарчевиќ

Три дена поминаа во молк за Српската православна црква откако Светиот синод на Вселенската патријаршија одлучи да го признае канонско право на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. Со тоа и натаму останува отворен половина век стариот спор меѓу српската и македонската православна црква, настанат по одлуката на МПЦ да се одвои од СПЦ. Аналитичарите сметат дека овој чекор кој го направи Вселенската патријаршија за двете страни значи чекор поблиску до договор.

Според одлуката на Вселенската патријаршија на 9 мај МПЦ е признаена под името Охридска Архиепископија во границите на Северна Македонија.
Црногорската православна црква која исто така не е признаена од СПЦ, оценува дека со овој чин и е укинат актот од 1922 година со кој и беше признаена јурисдикцијата на СПЦ на целокупната територија на тогашното Кралство на Срби, Хрвати и Словенци вклучувајќи ги и Македонија и Црна Гора.

Радио Слободна Европа бараше од СПЦ коментар за оваа одлука но до објавувањето на овој текст, одговор не добивме. Изостана и одговорот на прашањето дали оваа одлука може да биде и чекор кон дефинирање на статусот на Македонската православна црква.

Што значи одлуката на Вселенска патријаршија

Светиот Синод на Вселенската патријаршија со одлуката посочи дека МПЦ не е повеќе во шизма и раскол со севкупната православната Црква и македонските свештеници можат да сослужуваат со свештениците од другите православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

Во однос на дополнителните преговори во соопштението на Вселенската Патријаршија е наведено дека и се остава на Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.

„Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено ѝ вети на Вселенската Патријаршија, која не го употребува терминот „Македонска“, или друга изведенка од зборот „Македонија“, се вели во соопштението.

Новинарката од српскиот неделник „Време“ Јелена Јоргачевиќ која долги години ја следи оваа тема, вели дека со ова прецизирање во соопштението се ограничува јурисдикцијата на МПЦ со границите на Северна Македонија.

„Со други зборови, таа нема да ја има дијаспората“ вели Јоргачевиќ.

Светиот Синод на МПЦ – ОА на вонредното заседание соопшти дека преговорите со Српската православна црква продолжуваат до целосно регулирање на статусот на црквата, како и на препораката на Цариградската патријаршија која во рамките на канонскиот акт и црковно право треба да го регулира административното прашање меѓу овие две цркви.

Се чека мајската седница на Синодот на СПЦ

Три дена пред да стигне веста од Вселенската патријаршија која беше неочекувана за јавноста, епископот тузлански Фотиј Сладојевиќ кој е и член на Синодот на СПЦ изјави дека претставници на СПЦ и МПЦ неодамна имале состанок во Ниш каде што присуствувал и патријархот Порфириј.
Тоа било, како што вели Фотиј, „интересен дијалог на љубов, вера и надеж“
Тој тогаш оцени дека по состанокот двете страни се на чекор од „исцелување на расколот “ кој постои од 1967 година.

„Сега сме на тој праг, да го разрешиме“ изјави Фотиј.

И МПЦ потврди дека во Ниш се оддржал состанок, но без притоа да соопшти повеќе детали.

„Преговори се во тек, тоа се што имам и можам да кажам“ изјави портпаролот на македонската православна црква Митрополитот Тимотеј.

Патријархот на СПЦ Порфирие
Патријархот на СПЦ Порфирие

Новинарката Јогачевиќ вели дека во црковните кругови веќе извесно време се „шушка“ за разговори меѓу претставници на Србија и Македонија. Таа објаснува дека според нејзини информации, договорот внатре во СПЦ е одлуките на Цариградската патријаршија да не се објавуваат до седницата на Светиот архиерејски собир кој е закажан за 15 мај. На Светиот архиерејски собир присуствуваат епископи, владици и митрополити.

„Затоа што тоа е толку важна одлука, која не може да ја донесе еден или две свештени лица, се чека на тој Собир да се согласат сите владици и потоа да се огласат по тоа прашање, односно како ќе реагираат по новонастаната ситуација,“ вели Јоргачевиќ.

Руската православна црква против Вселенската патријаршија

Се огласи и Руската православна црква која оцени дека Вселенската патријаршија се вмешала „грубо, антиканонски и политички мотивирано“ во јурисдикцијата на Српската православна црква.

„Легитимна одлука за статусот на Православната црква во Република Северна Македонија може да донесе само Српската патријаршија преку нејзиниот архиерејски собор“, изјави протоереј Николај Балашов - секретар на Одделот за надворешни црковни односи на Руската црква.

Тој додаде дека Русија нема да признае ниту една одлука донесена без учество на автокефалната Српска православна црква.

„Се надевам дека другите православни цркви нема да го признаат тоа“, рече Балашов.

Јелена Јоргачевиќ вели дека тука мора да се земе предвид влијанието на политиката, но и геополитичкиот контекст.

„На крајот на краиштата, самиот Цариградски патријарх вели дека одговорил на барањето на државата Северна Македонија и на таа црковна заедница. Како што еднаш одговори на барањето на тогашниот украински претседател Петро Порошенко. Значи, почнувајќи од најосновното, дека претставниците на државите во тоа се многу вклучени, мора да зборуваме за мешање на политиката и националниот елемент“, вели Јоргачевиќ.

Руската православна црква ги прекина врските со Вселенската патријаршија, откако Цариградскиот патријарх Вартоломеј и додели автокефалност на Православната црква на Украина на 5 јануари 2019 година од Московската патријаршија. Со тоа беа создадени меѓу најголемите разлики во христијанството во последниот милениум.

Зошто дојде до раскол меѓу СПЦ и МПЦ?

Охридската архиепископија стана дел од Српската православна црква во 1920 година, а првите гласови за добивање автокефалност почнаа да се појавуваат набргу по ослободувањето на Југославија од фашистичкиот окупатор во 1945 година.

Јелена Јоргачевиќ вели дека имало огромен притисок од тогашните југословенски власти да и се даде автокефалност на Македонската православна црква, што на крајот се случило во 1967 година.

„Во тој момент СПЦ дури формираше комисија која разгледуваше дали такво нешто е канонски возможно и утврди дека тоа е невозможно. Српската православна црква ги испраќа сите свои одлуки до сите православни цркви и сите се согласија со тоа во рок од неколку дена. Така настана тој раскол и таа беше непризнаена од целиот православен свет“, вели Јоргачевиќ.

Оттогаш до денес се одржани повеќе разговори меѓу претставници на православното свештенство на Србија и Северна Македонија.

Јоргачевиќ оценува дека оваа поделба трае долго време.

„Тоа е раскол што трае долго, а вие таму имате Црква која навистина функционира - има верници и хиерархија (црковна влада) која беше легална кога одлучи да се отцепи. Тоа е ситуација која е болна за сите и која секако веќе требаше да се реши. Сега со овој чин на Вселенската патријаршија на некој начин поттикнува тоа да се случи побрзо“, вели Јелена Јоргачевиќ.

Непосредно пред потпишувањето на Договорот за името со Грција во април 2018 година, Македонската православна црква испрати писмо во кое побара од Вселенската патријаршија да ја признае автокефалноста, историските и канонските права и привилегии, да ја прифати жалбата и да ја одобри автокефалноста.

Оттогаш, државниот врв на Северна Македонија испрати неколку писма и молби до вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја одобри жалбата.

Што значи ова за Црногорската православна црква?

Црногорската православна црква (ЦПК) оцени дека последната одлука на Вселенската патријаршија го дерогира Томосот од 1922 година, со кој се признава анексијата на ЦПЦ.

Томос е црковен акт издаден од патријархот и соборот на една православна помесна црква, со кој се признава статусот на друга црква како автокефална или автономна црква.

„Значи, се дерогираше актот со кој е призната анексијата на Црна Гора кон Српската црква, но и епархијата на Вселенската црква: Скопската, Велешко-дебарската, Пелагониската, Преспанско-охридската и делови од Воденската и Полианската - сите во денешна Северна Македонија. Така Црногорската црква формално беше ослободена од сите врски и односи со Белградската патријаршија“, се наведува во соопштението потпишано од митрополитот на ЦПЦ Михајло.

Митрополитот на СПЦ, Јоанакие во Цетиње, Црна Гора
Митрополитот на СПЦ, Јоанакие во Цетиње, Црна Гора

Вселенската патријаршија во томосот од 1922 година ја призна автокефалноста и патријаршискиот статус на Српската православна црква, како и нејзината јурисдикција на целата територија на тогашното Кралство на Србите, Хрватите и Словенците (СХС), вклучувајќи ги Македонија и Црна Гора.

Црногорската црква постои до 1920 година, кога била укината со декрет на српските власти, а откако две години претходно, независна Црна Гора се припои кон Србија и стана дел од Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС).

Директорот на невладината организација Центар за регионализам од Нови Сад, Александар Попов, за РСЕ изјави дека не очекува големи проблеми во договорот меѓу претставниците на МПЦ и СПЦ, но додава дека положбата на Црногорската православна црква е целосно различна.

Тој потсетува дека црногорската држава се залагала за формирањето на ЦПЦ, затоа што националната црква носи елемент на државност.

„Тој проект досега не е прифатен во Црна Гора. Таа црква не доби поголемо втемелување бидејќи има голем број граѓани кои се декларираат, не само како Срби, туку и како припадници на СПЦ“, вели Попов.

Според податоците на невладината организација Центар за демократија и човекови права (ЦЕДЕМ) за 2020 година, се проценува дека приближно 90 отсто од православното население припаѓа на Српската православна црква, додека останатите 10 отсто припаѓаат на ЦПЦ.

Во 1993 година, црногорските суверенисти ја обновија ЦПЦ во Цетиње, која како верска заедница беше регистрирана во 2000 година.

Иако Црна Гора ја поврати својата независност во 2006 година, ЦПЦ сè уште е канонски непризнаена од речиси сите православни цркви, а богослужбите ги врши само во неколку црковни згради, бидејќи останатите се префрлени во сопственост на СПЦ.

Прашањето за имотот е уште една причина зошто, според Александар Попов, доделувањето автокефалност би имало реперкусии дури и на државно ниво меѓу Белград и Подгорица.

„На крајот на краиштата, имотот беше клучно прашање кога беше донесен Законот за слобода на вероисповед во Црна Гора, што на крајот доведе до заминување на ДПС (Демократската партија на социјалистите предводена од Мило Ѓукановиќ)“, вели Попов.

Тензиите во Црна Гора се зголемија на крајот на 2019 година, откако тогашното владејачко мнозинство, предводено од ДПС, го донесе Законот за слобода на вероисповед.

Законот предвидуваше дека државата ќе стане сопственик на сите верски објекти изградени до декември 1918 година - доколку верските заедници не ја докажат сопственоста.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG