САД побарале од Русија прекин на огнот во Украина

Оштетена куќа во Украина од руската инвазија врз земјата.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин го искористил својот прв разговор со неговиот руски колега Сергеј Шојгу од почетокот на руската сеопфатна инвазија врз Украина за да повика на итен прекин на огнот, соопшти денеска Пентагон.

„Секретарот Остин побара итен прекин на огнот во Украина и ја нагласи важноста од одржување на линиите на комуникација“, се вели во соопштението на американското Министерство за одбрана.

Американската страна не даде други детали за првите директни разговори на Остин и Шојгу од 18 февруари пред десетици илјади руски војници да се префрлат преку руската и белоруската граница во Украина. Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари.