Украинските власти ќе го започнат првото судење на руски војник осомничен за убиство на украински цивил за време на неиспровоцираната инвазија на Русија. Како што објави денеска на Фејбук украинската обвинителка Ирина Венедиктова, осомничениот е обвинет за убиство на 62-годишен цивил кој возел велосипед во селото Чупахивка, во североисточниот регион Суми.
„Главното обвинителство го испрати до судот случајот против Вадим Шишимарин, командант на единицата на воената бригада 32010 позната како четврта тенковска дивизија Кантемиров на Московскиот регион“, напиша Венедиктова.
Според Венедиктова, 21-годишниот осомничен, кој моментално е во украински притвор, може да се соочи со доживотна затворска казна доколку биде осуден за убиство.
Минатата недела Венедиктова го објави името на првиот руски војник осомничен за мачење и убиство на цивили во градот Буча во близина на Киев за време на неколкунеделната окупација. Венедиктова го идентификуваше како командант на единицата на руската Национална гарда, Сергеј Колоцеј.
Минатиот месец, Венедиктова идентификуваше уште 10 војници на 64-та механизирана пешадиска бригада на руските вооружени сили, велејќи дека тие се осомничени за „суровост кон цивилите и други воени злосторства“, додавајќи дека украинските истражители продолжуваат да собираат докази. Таа тогаш рече и дека се водат истраги за да се открие дали десетмината Руси учествувале во убиствата на цивили во Буча.
Повлекувањето на руските сили од Буча и другите градови во близина на Киев откри страшни докази за брутални убиства, тортура, масовни гробници и неселективно таргетирање на цивили во борбите. Ова поттикна повици од неколку земји, вклучително и од Обединетите нации и Меѓународниот суд за криминал, за истраги во кои ќе се утврди дали биле извршени воени злосторства.
Украинската национална полиција на 5 мај соопшти дека од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари, покренати се повеќе од 10.000 истраги за воените злосторства, наводно, извршени од руските војници во Украина.