Ескалација на руските напади во Мариупол, проектили паѓаат и во Одеса

Зграда во Мариупол.

Руските сили ги ескалираа своите напади врз фабрика за челик во јужното пристаниште Мариупол. Таму се последните украински бранители, многумина од нив ранети, а најмалку 100 цивили сè уште се заробени. Проектили паѓаат и врз стратешки важното црноморско пристаниште Одеса.

Заменик украинскиот премиер Ирина Верешчук денеска изјави дека повеќе од 1.000 украински борци останале во фабриката за челик Азовстал, последниот џеб на отпорот по речиси тримесечни тешки борби во градот.

„Стотици се ранети. Има луѓе со сериозни повреди на кои им е потребна итна евакуација. Ситуацијата се влошува секој ден“, изјави Верешчук за новинската агенција АФП.

Иако поголемиот дел од луѓето кои не се борци се евакуирани од Азовстал, најмалку 100 цивили се останати внатре, изјави денеска помошникот на градоначалникот на градот Мариупол.

„Покрај војската, во засолништата во Азовстал остануваат најмалку 100 цивили. Сепак, тоа не ја намалува густината на нападите од окупаторите“, напиша на Телеграм Петро Андриушченко.

Руските сили досега не успеаја да ја завршат окупацијата на Мариупол, што би ја лишило Украина од виталното пристаниште, а на Русија би ѝ дало копнен коридор до нелегално анектираниот Кримски Полуостров и ќе ги ослободи војниците за борби на друго место.