Во петок конститутивна седница на новиот словенечки Парламент

Парламентот во Словенија

Словенечкиот претседател Борут Пахор за в петок ја закажа конститутивната седница на Националното собрание, откако го доби извештајот за официјалните резултати од општите избори на 24 април.

Најголема пратеничка група во новото собрание ќе биде Движењето за слобода на Роберт Голоб, кое освои 34,45 отсто од гласовите и со тоа 41 место во 90-члениот парламент, во кој има и двајца пратеници од малцинствата.

Словенечката демократска партија (СДС) на премиерот во заминување Јанез Јанша освои 23,48 отсто од гласовите или 27 места, а нејзиниот сегашен коалициски партнер Нова Словенија (НСи) 6,86 отсто од гласовите или осум места.

Социјалдемократите (СД) на Тања Фајон собраа 6,69 отсто од гласовите, што е доволно за седум пратенички места, а Левица обезбеди пет пратенички места со 4,46 отсто.

Новото собрание ќе го сочинуваат 36 жени и 54 мажи, а околу една третина од пратениците се реизбрани, јави СТА.