Заробен хрватски државјанин кој се борел за Украина

Фабриката за челик Азовстал во Мариупол, Украина

Хрватски државјанин кој се борел на страната на Украина во Мариупол е заробен од руските сили, објавија хрватските медиуми, а пренесува Асошиетед прес.

Хрватското Министерство за надворешни работи потврди дека „има информации за заробениот хрватски државјанин“ и заедно со украинските власти работи на решавање на ситуацијата. Не беа дадени дополнителни информации за случајот.

Државната телевизија ХРТ објави дека хрватски државјанин се обидел да побегне од Мариупол со други украински борци, но бил фатен од Русите. Регионалната телевизија Н1 соопшти дека веста за фаќањето ја пренеле руските медиуми.

Стратешкото пристаниште Мариупол со недели е под бомбардирање на руските војници. Нападите се интензивираа врз украинските војници кои се сместени во фабриката за челик Азовстал додека руските војници се обидуваат да го освојат целиот град пред Денот на победата, 9 мај, кога се одбележува годишнината од победата над нацизмот во 1945 година.

Околу 50 луѓе денеска биле евакуирани од опколената фабрика за челик Азовстал во Мариупол, објави руската новинска агенција Интерфакс, повикувајќи се на штабот за територијална одбрана на самопрогласената Народна Република Доњецк, сепаратистички регион поддржан и признаен од Русија.