Данска и Финска со поддршка за најавата на ЕУ за санкции на руската нафта

Данската премиерка Мете Фредериксен.

Данска и Финска го поддржуваат предлогот на Европската комисија за санкции кои се однесуваат на руската нафта, изјавија премиерите на двете земји на денешната прес-конференција во Копенхаген по состанокот со нивните колеги од нордиските земји.

Европската комисија денеска ги предложи најстрогите санкции досега против Русија, вклучително и постепено укинување на испораките на руска сурова нафта во рок од шест месеци и рафинирани производи до крајот на 2022 година.

„Она што денеска го става на маса Европската комисија за нафтата, тоа навистина ќе се почувствува во Русија, затоа ние го поддржуваме тоа“, рече данската премиерка Мете Фредериксен.

„Потребни ни се повеќе санкции, исто така и за енергијата, и ги ценам и ги поздравувам најновите предлози на Комисијата за санкции, на пример за нафта и други прашања“, рече финската премиерка Сана Марин.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска ги даде детали за шестиот пакет санкции за Русија, кои ќе бидат договорени во наредните денови. Се очекува кулминација на предлогот да биде постепено ембарго на увозот на руска нафта.

Словачка и Унгарија рекоа дека нема да поддржат санкции против руските енергетски извори, вклучително и увозот на нафта. Двете земји велат дека премногу зависат од руската нафта и дека во моментот немаат алтернативи.