ОН потврдија дека е во тек евакуација на цивили во Мариупол

Обединетите нации потврдија дека е во тек операција за евакуација на луѓе од фабрика за челик во бомбардираниот украински град Мариупол. Портпаролот на ОН за хуманитарна помош, Савијано Абреу, изјави за новинската агенција Асошиетет прес дека напорите да се извлечат луѓето од големата фабрика за челик Азовстал се прават во соработка со Меѓународниот комитет за Црвениот крст и во координација со украинските и руските власти.

Тој ја нарече ситуацијата „многу сложена“ и не сакаше да даде повеќе детали.

Манифест за Јужна Русија, под едно име окупираните украински региони

Претходно, градскиот совет на Мариупол и локалниот гувернер им порачаа на жителите кои сакаат да заминат во украинскиот град Запорожје да се соберат на точката за евакуација во Мариупол во 16 часот по локално време.

ОН веруваат дека околу 1.000 цивили живеат под челичарницата Азовстал во градот, единствениот дел од Мариупол кој не е под руска окупација.

Се верува дека има околу 100.000 цивили во градот, кој е сцена на интензивни борби од руската инвазија на 24 февруари.

Руското Министерство за одбрана на 1 мај соопшти дека две групи цивили, вкупно околу 45 лица, биле евакуирани од Азовстал претходниот ден „како резултат на режимот за прекин на огнот и отворањето на хуманитарен коридор“. Наводно, евакуираните биле однесени во населбата Безимен.

Украинските бранители во фабриката Азовстал објавија видеа на 30 април велејќи дека им снема храна, вода и други резерви и апелираа за помош.