Достапни линкови

Манифест за Јужна Русија, под едно име окупираните украински региони


Украинските окупирани региони под едно име Јужна Русија е планот на руските власти кои го напишале во документ именуван како Манифест на јужноруски народен совет. Документот доаѓа во време кога се погласно се зборува оти Кремљ се подготвува за референдуми во окупираната украинска територија.

Нацрт-документот подготвен од највисоките функционери на руската владејачка политичка партија бара да се создаде нова држава по име Јужна Русија од некои региони на Украина окупирани од руските сили. Информациите за овој документ и предлог до кои дојдоа истражувачките новинари од украинскиот сервис на Радио Слободна Европа пристигнуваат во време кога беснеат борби во источните и јужните региони на Украина, при што руските сили вршат офанзива на повеќе фронтови каде наидуваат на жесток украински отпор.

Дополнително руските официјални лица сигнализираат намера да организираат референдуми во делови од украинските региони Доњецк и Луганск, од кои голем дел се под контрола на сепаратистите поддржани од Русија речиси осум години, како и во друг регион, Херсон. Гласањето ќе има за цел обединување на окупираните региони со Русија, слично на она што се случи на Крим во 2014 година.

Само неколку дена пред инвазијата на Украина на 24 февруари, претседателот Владимир Путин објави дека Русија ќе ги признае регионите Доњецк и Луганск под сепаратистичка контрола како независни држави, декларација што Киев, и голем дел од остатокот од светот, ја отфрлија.

Нацрт-документот во кој имаа увид новинари на РСЕ е насловен како „Манифестот на јужнорускиот народен совет“. Тој е изготвен на 16 април и во него не се прецизира кои окупирани територии ќе ја сочинуваат новата држава „Јужна Русија“.

Во Манифестот е истакнато дека Украина го изгубила легитимитетот по револуцијата на Мајдан во 2013-2014 година, која кулминираше со соборувањето на претседателот Виктор Јанукович. Русија долго време тврдеше дека антивладините уличните протести биле државен удар и дека владата ја презеле „нацистите“ и „бандеритите“ - повикувајќи се на украинскиот националистички лидер од 20 век, Степан Бандера.

„Како одговор на теророт и тоталитарното наметнување на идеологијата на нацизмот и Бандера од страна на поранешната држава Украина, ние, во форма на Јужнорускиот народен совет, ја преземаме власта во свои раце и воспоставуваме нова држава Јужна Русија. “, се вели во документот.

„Го признаваме рускиот јазик, како и украинскиот дијалект, како мајчин јазик и јазик на меѓуетничка комуникација, со еднаквост на сите јазици и националности“, пишува во Манифестот.

Скицата на документот за нова држава „Јужна Русија“ ја повторува реториката на Путин и другите високи функционери на Кремљ, кои повикаа на формирање на „Новорoсија“ - уште еден историски концепт кој се однесува на земји, главно во Украина, кои претходно биле дел од Руската империја во 18 и 19 век.

„Ние ја градиме нашата држава врз основа на разбирањето на историското и генетското сродство и единството на трипартитната руска националност - Украинци, Белоруси и Руси - братско пријателство и взаемна помош“, се наведува во документот.

Според податоците до кои дојдоа новинарите од РСЕ високиот функционер на Обединета Русија, Роман Романов или е автор на документот или е вклучен во неговото создавање. Единствена Русија е партијата поврзана со Кремљ која доминира во рускиот парламент и во политичкиот живот на земјата.

Официјални лица кои бараа поради безбедност да останат анонимни велат дека документот подоцна им бил предаден на помошниците на Константин Малофејев, богат и влијателен руски бизнисмен кој со години бил клучен во финансирањето и поддршката на сепаратистичките напори во Донбас.

Малофеев беше санкциониран од САД и Европската унија во 2014 година поради неговата улога во анексијата на Крим. Тој беше обвинет на почетокот на април за обид да ги избегне тие санкции.

Ниту Романов, ниту генералниот секретар на Обединета Русија, Андреј Турчак, не можеа да бидат контактирани за коментар во врска со Манифестот. Малофеев одби да разговара за манифестот кога го контактираа, и ја спушти слушалката, велејќи дека не комуницирал со новинарите.

Интернет-страницата за вести Медуза оваа недела објави дека Кремљ размислува за одржување два референдуми во регионите Доњецк и Луганск на 14 и 15 мај.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG