Украина ги обвини руските сили за грабеж на непроценливи артефакти од музејот во јужниот град Мелитопол додека продолжуваат борбите и ракетните напади на југот и на истокот на Украина.
Градоначалникот на Мелитопол, Иван Федоров, изјави дека „Орките го зазедоа нашето скитско злато“, користејќи погрден термин со кој многумина Украинци ги нарекуваат руските војници.
„Не знаеме каде го однеле“, додаде тој.
Американскиот „Њујорк тајмс“ објави дека директорката на Музејот за локална историја на Мелитопол, Лејла Ибрахимова, изјавила дека музејските работници го сокриле непроценливото богатство во кутии во подрумот.
Но, минатата недела дознала од чуварите на Музејот дека Русите ги откриле кутиите со помош на де факто директорот на музејот назначен од Русија. Руските трупи и разузнавачите гледале како Русин во бел лабораториски мантил внимателно ги отстранува и носи артефактите стари повеќе од 2.300 години.
При заземање на Музејот руските трупи ја киднапираа Ибрахимова и испрашуваа неколку часа во март, по што Ибрахимова замина од Мелитопол. Овој град е окупиран од руските сили од почетокот на март.
Според податоците кои ги објави „Њујорк Тајмс“, отстранети се најмалку 198 златни предмети, ретко старо оружје, голем број сребрени монети и медали.
Украинските власти претходно изјавија дека руските сили ограбиле слики, икони и скулптури од музеј во пристанишниот град Мариупол во Азовското Море. Официјални претставници на 29 април рекоа дека повеќе од 250 културни институции биле оштетени или уништени од руската инвазија на 24 февруари. Киев ја обвини руската влада дека спроведува политика на „геноцид“ врз украинската нација.
Во интервју за руската телевизија, сега поставениот шеф на музејот, Евхен Хорлачев, назначен од Русија, изјави дека артефактите „се од голема културна вредност за целиот поранешен Советски Сојуз“ и го обвини персоналот на музејот дека потрошил „многу труд и енергија“ да ги скрие.
Тој не кажа каде се однесени артефактите.
Русија и Украина имаат спор и околу други скитски артефакти кои моментално се наоѓаат во Холандија по руската анексија на украинскиот регион Крим во 2014 година.
Артефактите од неколку музеи на Крим беа изложени во Амстердам кога Русија го зазеде полуостровот на Црното Море, а Русија и Украина побараа сопственост. Во октомври 2021 година, холандскиот суд и додели контрола на богатствата на Украина, но тие остануваат во Холандија.