Проукраински протест во Херсон растурен со солзавец и шок-бомби

Руските сили денеска употребиле солзавец и шок-бомби за да растурат проукраински протест во окупираниот град Херсон, соопшти Генералното обвинителство на Украина. Пред еден ден Русија соопшти дека нејзината армија ја презела контролата врз регионот Херсон.

Локалните власти велат дека Русија на 26 април назначила свој градоначалник на Херсон, откако нејзините војници го презедоа седиштето на администрацијата во регионалната престолнина во јужна Украина. Херсон е еден од првонападнатите градови откако Русија ја започна својата инвазија на Украина на 24 февруари.

Во градот повремено имаше антиокупациски собири, а толпата повторно се собра во центарот на градот на 27 април.

„За време на мирниот проукраински митинг на Плоштадот на слободата во градот Херсон, војниците на руските вооружени сили употребија солзавец и шок-бомби против цивилното население“, се вели во соопштението на Генералното обвинителство на Украина.

Најмалку четири лица се повредени, а канцеларијата води истрага, се вели во соопштението. Од руска страна немаше коментар за протестот.

Руското Министерство за одбрана на 26 април соопшти дека имаат целосна контрола врз регионот Херсон, кој е стратешки важен бидејќи се наоѓа во област што ќе ѝ обезбеди на Русија копнена врска меѓу сепаратистичките области на исток поддржани од Русија и анектираниот регион Крим.

Според локалните власти, илјадници луѓе побегнале од Херсон на територијата под контрола на Украина и пошироко. Регионот се соочува со прекини на електрична енергија и вода, сериозен недостиг на храна и лекови и проблеми во мрежата за мобилна телефонија.