Повеќе од 5,3 милиони Украинци ја напуштиле својата земја откако Русија ја започна инвазијата пред два месеци, а повеќе од 52.000 луѓе ја преминале границата во изминатите 24 часа, соопшти УНХЦР.
Иако дневниот број на бегалци значително се намалил од март, УНХЦР очекува уште три милиони Украинци да ја напуштат земјата до крајот на годината.
Се проценува дека 7,7 милиони луѓе се раселени во Украина, изјави генералниот секретар на Норвешкиот совет за бегалци, Јан Егеланд.
„Луѓето зборуваат за Втората светска војна, но кажете ми дали во Втората светска војна, 12 милиони луѓе беа раселени за осум недели“, рече Егеланд.
Организацијата на ОН за миграција објави дека Украина ја напуштиле и 224.975 граѓани од други земји, главно студенти и работници мигранти.