Достапни линкови

Руски воздушни напади во јужна и источна Украина, висок ризик за цивилите


Мариупол
Мариупол

Војници и цивили се уште се цел на напади во фабриката за челик Азовстал во Мариупол. Русија извршила напади и во Запорожје, а нејзините сили се во офанзива и во Харкив и Доњецк. Рускиот претседател Путин порача дека се уште верува во позитивен исход од преговорите со Украина.

Руските сили се уште вршат напади врз фабриката за челик Авзостал во опколениот пристанишен град Мариупол. Во фабриката има украински војници и цивили, изјави помошникот на градоначалникот на градот Петро Андриушченко. Тој посочи и дека не бил постигнат договор за евакуација на цивили од Мариупол.

Украина ја задржа контролата над поголемиот дел од нејзиниот воздушен простор, бидејќи Русија не успеа да ја неутрализира противвоздушната одбрана на земјата, соопшти британското разузнавање.

„Русија има многу ограничен воздушен пристап до северот и западот на Украина, ограничувајќи ги офанзивните дејства на интензивни напади со ракети и бомби. Руската воздушна активност е првенствено фокусирана на јужна и источна Украина, обезбедувајќи поддршка за руските копнени сили“, објави британското Министерство за одбрана во својот дневен билтен на Твитер додавајќи дека Москва продолжува да ги таргетира украинските воени средства и логистичката инфраструктура на национално ниво.

Во соопштението е наведен и високиот ризик од цивилни жртви, велејќи дека повеќето руски воздушни напади во опколениот украински пристанишен град Мариупол веројатно користеле бомби со слободен пад.

„Ова оружје ја намалува способноста на Русија ефективно да дискриминира при изведување напади, зголемувајќи го ризикот од цивилни жртви“, се додава во соопштението на министерството за одбрана на Велика Британија.

Руското Министерство за одбрана пак, од своја страна, соопшти дека нејзините ракети „Калибр“ погодиле складиште за оружје во украинскиот регион Запорожје во кој се наоѓа оружје од САД и европските земји.

Украинските земјоделци во Запорожје, кој се граничи со линијата на фронтот, носат панцири додека ги ораат нивите, јави Ројтерс. Украина е петти по големина извозник на пченица во светот.

Генералштабот на Украина информира дека руските сили вршат офанзива во регионите Харкив и Доњецк и дека заземале неколку населени места.
Експлозии се слушнале денеска во три руски провинции кои граничат со Украина, соопштија властите, а во исто време, се запалило складиште за муниција во провинцијата Белгород.

Преговори и коридори

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа во Москва му рекол на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш дека сè уште верува во позитивен исход од преговорите со Украина, и покрај континуираните борби меѓу двете земји.

„И покрај сè, преговорите продолжуваат. Се надевам дека ќе постигнеме позитивен резултат“, рече Путин на средбата со Гутереш во Кремљ.

Путин додаде дека руската армија „немала никаква врска“ со „провокациите во Буча“, односно со откривањето на телата на цивилите по повлекувањето на руските сили од тој дел на Украина. Гутереш го повтори својот повик до ОН и Русија да соработуваат за да воспостават хуманитарни коридори и да обезбедат помош за цивилите во Украина.

ОН соопштија дека Путин „во принцип“ го прифатил учеството на ОН и Меѓународниот комитет на Црвениот крст во евакуацијата на цивилите заробени во индустриската локација Азовстал, во украинското пристаниште Мариупол, опкружена од руски сили. Тие додадоа дека разговорите за тоа прашање ќе ги продолжат Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања и руското Министерство за одбрана. Гутереш по престојот во Москва треба да го посети и Киев.

Московјани на прашањето: кога ќе заврши војната во Украина?
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:31 0:00

Во меѓувреме, Германија ја објави својата прва испорака на тешко оружје во Украина по неколкунеделен притисок дома и во странство. Се работи за тенкови Гепард со противвоздушни пушки.

Рускиот енергетски гигант Газпром соопшти дека ја прекинал испораката на гас за Бугарија и Полска поради тоа што не го платиле гасот во рубљи, што е најтешкиот одговор на Кремљ досега на санкциите воведени од Западот поради конфликтот во Украина.

„Русија ја „почнува гасната уцена на Европа“, изјави Андриј Јермак, началник на кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Руската инвазија врз Украина започна на 24 февруари. Според податоците објавени од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) на 20 април, над 5 милиони Украинци ја напуштиле земјата поради војната. ОН соопштија дека 90 отсто од оние што побегнале се жени и деца, бидејќи властите во Киев не дозволувале работоспособните мажи да ја напуштат земјата. Полска, која прими околу 2,8 милиони бегалци, беше главна дестинација за оние што ја минуваат границата.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG