Голоб ги започнува разговорите за нова словенечка влада

Победникот на парламентарните избори во Словенија и иден премиер Роберт Голоб

Победникот на парламентарните избори во Словенија и иден премиер Роберт Голоб изјави дека сака што поскоро да формира нова влада и дека преговорите со партнерските партии ќе почнат денеска. Голоб додаде дека при формирањето на владата, неговото Движење за слобода смета на сојузот со социјалдемократите на Тања Фајон, но и на Левицата на Лука Месец. Тој изјави дека неговата цел е да создаде влада од луѓе кои се професионални и квалитетни, без разлика на нивната партиска припадност. „Ние не сме класична партија туку движење и затоа немаме партиска дисциплина ниту имаме намера да ја применуваме. Поединците ги оценуваме според нивната стручност и знаење, а членската книшка нема да биде услов за функции“, рече Голоб.

Пораз за Јанша на изборите во Словенија, победа на Голоб

Тој и неговата партија, се убедливиот победник на парламентарните избори во Словенија, при што неговата партија освои 35,54 отсто од гласовите и 41 место во 90-члениот парламент, покажуваат официјалните резултати врз основа на 99,7 отсто од пребројани гласови. На второ место е Словенечката демократска партија на поранешниот премиер Јанез Јанша, кој веќе го призна поразот со 23,53 отсто од гласовите и 27 пратенички места.