Кремљ размислува за вработување службеници што ќе ја шират руската вистина меѓу административците

Рускиот претседател Владимир Путин на настан во Москва

Администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин препорачала ставање луѓе во министерствата, владините агенции и државните компании кои ќе ја шират политичката агенда на Кремљ меѓу вработените, потег што потекнува од советско време, поради загриженоста за слабата поддршка, објави весникот Комерсант.

Весникот пишува дека функционерите, инаку наречени „политички инструктори“, ќе бидат одговорни да ги информираат вработените за политичките ставови на Кремљ и да следат како размислуваат.

Идејата првпат се појави минатата година за време на кампањата за парламентарните избори, бидејќи претседателската администрација откри „проблеми со лојалноста“ кон актуелната политичка агенда на Кремљ во мноштво државни тела, пишува весникот.

Претседателската администрација се врати на идејата по руската инвазија на Украина. Одлуката на Путин да ја нападне Украина ја изолираше Русија политички и ја уништи нејзината економија, што се одрази на просечните граѓани.

Членовите на администрацијата на Путин им ја препорачале ваквата идеја на вицегувернерите за време на семинар одржан во реонот на Москва првата половина од април, а кој бил посветен на внатрешната политика, објави весникот, цитирајќи луѓе кои биле на настанот.

Путин ја интензивираше својата дводецениска репресија на политичката и медиумската слобода откако ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари.

Неговата влада неодамна усвои закони со кои се криминализира ширењето информации за војната кои се спротивни на тие на власта, за што противниците на Путни велат дека им дава безусловна моќ на властите да го уапсат секој што ја критикува војната.

Русија, исто така, забрани различни независни медиуми, како и најголемите социјални мрежи вклучувајќи ги Фејсбук и Инстаграм, за да ги спречи граѓаните да конзумираат вести за војната кои не се одобрени од државата.

Идејата за инсталирање „политички инструктори“, доколку се спроведе, би можела да допре до милиони вработени Руси. Путин ја прошири бирократијата за време на ова 22-годишно владеење, преку ширење на државната контрола врз економијата, особено во енергетската индустрија.