Шпанскиот премиер шокиран од сцените при посетата на Украина

Шпанскиот премиер Педро Санчез, данската премиерка Мете Фредериксен и украинската вицепремиерка Олха Стефанишина. Киев, 21 април.

Шпанскиот премиер Педро Санчез и данската премиерка Мете Фредериксен денеска беа во посета на Киев на разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тие ја посетија земјата која се бори против руската неиспровоцирана инвазија која започна на 24 февруари.

Санчез по посетата на градот Бородјанка на Твитер напиша дека бил „шокиран што е сведок на ужасот и злосторствата на војната на [рускиот претседател Владимир] Путин на улиците на Бородјанка“.

„Нема да го оставиме украинскиот народ сам“, додаде тој.

Посетата дојде само неколку часа откако полицијата во градот, кој се наоѓа северозападно од Киев, соопшти дека биле пронајдени тела на девет цивили, а на некои од нив имало знаци на тортура.


Слични сцени се пронајдени и во други области околу главниот град и на други места во Украина, откако Русија ги повлече своите трупи за да ги прераспореди на исток.

Данската премиерка Фредериксен пак за ТВ2 изјави дека нејзината земја ќе и достави повеќе оружје на Украина, без да даде повеќе детали.