Мишел- Мора да има правда за руските злосторства во Украина

Мора да има правда за наводните злосторства извршени од руските сили во Украина, изјави денеска претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој ја посети Украина во знак на поддршка, додека таа се бори да ја одбрани од неиспровоцираната инвазија на Москва. Тој во објавата на неговиот профил на социјалната мрежа Твитер напиша дека историјата нема да ги заборави воените злосторства што беа извршени како во Буча, така и во други градови во Украина.

„Не може да има мир без правда“, напиша Мишел на Твитер по обиколката на разурнатиот град Бородјанка.

Извештаи за присилно преселување Украинци во Русија

Неодамнешното повлекување на руските сили од градовите како Буча и Бородјанка откри страшни докази за брутални убиства, тортура, масовни гробници и неселективно таргетирање на цивили во борбите. Обвинителите на Меѓународниот кривичен суд започнаа истрага за можни воени злосторства во Украина.