ОН - Над пет милиони Украинци ја напуштиле земјата

Бегалци од Украина во Полска

Агенцијата за бегалци на ОН денеска соопшти дека над пет милиони Украинци ја напуштиле својата земја откако Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари.

Според податоците објавени од Агенцијата за бегалци на ОН (УНХЦР) на 20 април, 5.034.439 Украинци ја напуштиле земјата.

ОН соопштија дека 90 отсто од оние што побегнале се жени и деца, бидејќи властите во Киев не им дозволуваат на мажите на воена возраст да ја напуштат земјата.

ОН на 5 април соопштија дека околу 7,1 милиони луѓе се раселени во Украина поради војната.

Полска е главна дестинација каде бегаат Украинците. Во Полска досега прими околу 2,83 милиони бегалци. Следна е Романија со околу 757.047 бегалци кои влегле на нејзина територија. Но и од двете земји потоа многу од бегалците заминале за трети земји.


Во Унгарија, која исто така граничи со Украина, избегале околу 471 илјади украински бегалци.

Молдавија, една од најсиромашните нации во Европа, сместена меѓу Украина и Романија, забележа прилив од повеќе од 426 илјади Украинци од 24 февруари наваму.

Словачка, која дели граница од безмалку 100 километри со Украина, прими околу 342 илјади бегалци, додека нешто под 24 илјади Украинци ја преминале границата со Белорусија, главниот сојузник на Русија.