Украинскиот проруски политичар Медведчук бара да биде разменет за цивили во Мариупол

Украинскиот проруски политичар Виктор Медведчук

Украинскиот проруски политичар Виктор Медведчук, кој беше уапсен по обвинение за предавство, понуди да биде разменет за заробените цивили во Мариупол, украинскиот град кој е под руска опсада.

Во видеоснимката, која денеска ја објави украинската Служба за државна безбедност (СБУ), Медведчук ги повика претседателите на Русија и на Украина, Владимир Путин и Володимир Зеленски, да го разгледаат неговиот предлог за размена.

Истовремено, двајца Британци кои војуваа на украинска страна, и кои им се предадоа на руските сили во Мариупол, се појавија во руските медиуми, барајќи да бидат дел од размената.

Медведчук, кој е поранешен лидер на проруска опозициска партија и близок до Путин, беше уапсен во вторникот во специјална операција на СБУ. Неколку дена пред 24 февруари, кога Русија ја нападна Украина, 67-годишниот Медведчук избега од домашен притвор.

Нему му се заканува казна од 15 години до доживотен затвор под обвинение за предавство и помагање на терористичка организација поради посредувањето за купување јаглен за сепаратистичката република Доњецк на истокот на Украина, која е под контрола на проруските бунтовници.

Британците кои се појавуваат во руската снимка, се претставија како Шон Пинер и Ејден Еслин. Пинер имаше длабоки кругови под очите и делуваше исцрпено, но рече дека тој и Еслин не биле третирани на несоодветен начин. Нејасно е колку двајцата Британци можеле слободно да зборуваат.

Украинските претставници наведуваат дека Киев сака да му суди на Медведчук, а потоа да го размени за украински заробеници.