Нови експлозии во Киев и Лвив - Зеленски бара поголеми санкции против Москва

Архивска снимка

Нови експлозии одекнаа утринава во главниот град на Украина, Киев, соопшти градоначалникот Виталиј Кличко.

Тој на платформата Телеграм напиша дека експлозиите биле во квартот Дарницки на периферијата на градот.

Додаде дека не се знае колку луѓе загинале и дека спасувачите се на лице место, пренесува АП.

Кличко ги повика жителите да обрнуваат внимание на сирените за воздушни напади, а на оние кои избегале од главниот град им порача засега да не се враќаат.

Сирените за воздушен напад се вклучија во повеќе делови на Украина во раните утрински часови.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека Русија ги уништила производствените капацитети на фабриката за оклопни возила во Киев и воената фабрика во градот Миколаев, пренесе агенцијата Интерфакс.

„Нападите беа извршени со високопрецизно оружје со долг дострел“, соопшти руското Министерство.

Освен во Киев, утринава експлозии се слушнале и во градот Лвив, во западна Украина, јавува Би-Би-Си.

Гувернерот Максим Козицки на апликацијата Телеграм, изјавил дека воздушниот напад се случил помеѓу 5:46 и 7:02 часот по локално време, но не даде дополнителни информации дали има жртви.

Лвив последен пат беше мета на поголем руски напад кон крајот на март, кога руски проектили погодија фабрика и складиште за гориво.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешното обраќање до нацијата рече дека успехот на војската и оној на меѓународните санкции против Русија ќе одреди колку долго ќе трае војната.

„Успехот на нашата војска на бојното поле беше навистина значаен. Историски значаен. Но, сè уште не е доволно да се исчисти нашата земја од силите на освојувачите“, рече тој.

Зеленски додаде дека санкциите против Русија се економски болни, но не се доволни и побара посилни и подеструктивни санкции против Москва.