Шаќири со молба до наставниците за прекин на штрајкот - од СОНК бараат конкретни предлози

Штрајк на СОНК, училишта

Министерот за образование ќе испрати писмено барање до членовите на синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) да го прекинат штрајкот и да ја продолжат настават во училиштата и градинките.

Шаќири тврди дека ги прават сите напори за повисоки плати, а имаат поддршка од премиерот, од вицепремиерите и од сите други министри во Владата за изнаоѓање на, како што рече, најдобро решение во овој момент.

Наставата може да продолжи, може и преговорите да продолжат. Ќе доставам барање до претставниците на СОНК за разбирање наставата да продолжи. Во тоа барање ќе имаат дека ние за најбрзо време ќе се усогласиме со нивното прво барање, со системско решавање на второто и третото барање, и заедно да продолжиме во други соработки, освен за плати, соопшти денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири пред Владата.

Тој очекува по дописот СОНК да врати официјален одговор на тоа, а потоа најави дека ќе ги предвиди наредните чекори.

Од СОНК пак одговорија дека без конкретен предлог нема да има прекин на штрајкот.

На прес-конференција попладнево синдикалниот лидер Неделков ја повика Владата и ресорните министерства да понудат нешто реално, секој предлог ќе оди кај членството за во текот на викендот Советот на СОНК да може да го разгледа и да донесе одлука.

„Без прифатлив предлог, практично е невозможно да се прекине штрајкот. Апелирам да покажат сериозен пристап, да смогнат сили, да покажат волја и да понудат соодветен процент за образование и детска заштита, како и за ученички домови кои се приклучија на штрајкот, да обезбедат средства, дали 18,4 или друг процент, ние мора да имаме понуда“, истакна Неделков.

Кој е процентот што би бил „црвена линија“ за СОНК, тој рече дека не може да каже зашто ни самиот не ја знае и ќе ја одреди членството кое ќе одлучува за секоја понуда што ќе ја добијат.

Неделков на прес-конференцијата информираше дека штрајкот сѐ повеќе се интензивира и се придружуваат вработени што не биле членови на синдикатот, но се пожали и на силни притисоци врз вработените во детските градинки.