Иранските пратеници поставија услови за обновување на нуклеарниот договор

Илустрација

Иранските пратеници поставија услови за заживување на нуклеарниот договор од 2015 година. Се бараат и правни гаранции од американскиот Конгрес со кои Вашингтон нема повторно да се откаже од догворот, објавуваат иранските медиуми.

Во отвореното писмо до иранскиот претседател Ебрахим Раиси, пратениците исто така велат дека во новиот договор, Вашингтон не треба да може „да користи изговори за да го активира механизмот со кој санкциите кон Иран веднаш ќе бидат повторно воведени.

Изјавата ја потпишаа 250 од вкупно 290 ирански парламентарци.

Иран и САД со различни оценки за напредокот во нуклеарниот договор

Иран веќе една година е во преговори со Велика Британија, Германија, Франција, Русија и Кина директно, а со САД индиректно за заживување на договорот, познат формално како Заеднички сеопфатен план за акција.

Но, разговорите во Виена сега се заглавени бидејќи Техеран и Вашингтон се обвинуваат меѓусебно за неносењето на неопходните политички одлуки за да се решат отворените прашања.

Со договорот од 2015 година беа укинати санкциите против Иран, а во замена за тоа Иран требаше да ја ограничи нуклеарната програма и да гарантира дека Техеран нема да развива нуклеарно оружје.

Техеран секогаш негираше дека има некаков план за производство на нуклеарно оружје. Но, Соединетите Држави еднострано се повлекоа од договорот во 2018 година, кога претседател беше Доналд Трамп и повторно воведоа економски санкции што го натераа Иран да почне да се повлекува од сопствените обврски од договорот.