КАРИЛ: Ги осудуваме шпекулациите во јавноста поврзани со трагичната смрт на младиот ракометар

Илустрација

Клиниката за ТОАРИЛУЦ-КАРИЛ каде пред два дена почина младиот ракометар Денис Тот преку соопштение ги осуди како што се вели - сите шпекулации во јавноста поврзани со транспарентноста за овој случај.

Од клиниката велат дека уште од самиот прием ја истакнале тежината на состојбата на пациентот како и сите обиди за реанимација.

Пациентот, се појаснува во соопштението, бил примен рано утрото на 7 април во Ургентниот центар во Скопје без срцева акција, без знаци за живот и без видливи повреди.

„Дежурните лекари со колегите од КАРИЛ веднаш на прием пристапиле кон срцева и белодробна реалнимација. По половина час е воспоставена срцева акција. И покрај критичноста на ситуацијата, веднаш е направена компјутерска томографија на целото тело. При самиот прием на пациентот, повикани се сите екипи, од Неврохирургија, од Абдоменална хиругија, Торакална и од Трауматологија за да се изјаснат по однос на наодот од компјутерската томографија“, соопштуваат од КАРИЛ.

Глобалниот оток на мозокот што е констатиран на томографијата, наведуваат понатаму во соопштението, може да биде од повеќе различни причини, а една од нив е недостатокот на кислород во мозокот и враќањето во живот кое траело половина час.

„Пациентот кој по приемот и реанимацијата е префрлен на КАРИЛ, почина на 8 април во пладневните часови после 24 часа борба за живот и неколку дополнитени реанимации. Телото без видливи надворешни знаци на насилство и поради нејаснотии за причината за смртта беше предадено на Институтот за судска медицина за да се направи обдукција и да се расветли причината зошто настанал прекин на работата на срцето и што е точно причината за глобалниот едем на мозокот и смртта. “, се вели во соопштението од клиниката.

Од КАРИЛ додаваат дека од самиот прием во Ургентниот центар, го известиле Министерството за внатрешни работи за состојбата на пациентот.

Целокупната документација вчера е предадена на Јавното обвинителство, а денес медицинската документација е на увид и на Државниот здравствен инспекторат, откако вчера министерот за здравство Беким Сали побара вонреден инспекциски надзор за третманот на Тот.

Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека хрватскиот ракометар Денис Тот, кој почина завчера, пред да биде примен на КАРИЛ бил претепан и дека во врска со случајот се приведени две лица, а едно е во бегство.