Џонсон во посета на Киев

Архивска фотографија од средба на украинскиот претседател Володимир Зеленски и британскиот премиер Борис Џонсон на 19 февруари 2022.

Британскиот премиер Борис Џонсон пристигна во Киев за да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, за како што соопштија од Кабинетот на Џонсон, да покаже солидарност.

Кабинетот на Џонсон на 9 април соопшти дека премиерот се среќава со Зеленски „во знак на солидарност со украинскиот народ“ и дека двајцата „ќе разговараат за долгорочната поддршка од страна на Обединетото Кралство за Украина и дека премиерот ќе претстави нов пакет финансиска и воена помош“.

Џонсон е најистакната политичка фигура што го посетува Киев, меѓу европските функционери и лидери што го посетија украинскиот главен град по повлекувањето на руските сили од престолнината и регионот околу.

Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари во неиспровоциран напад, но наидоа на посилен отпор од очекуваниот од украинските сили и цивилите.