Зекири сам дојде во судот, откако беше издадена наредба за негово приведување

Досегашниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири

Досегашниот генерален секретар на Владата Мухамед Зекири, заедно со својот адвокат, попладнево дојде во Кривичниот суд во Скопје, откако претходно судија во претходна постапка издаде наредба тој да спроведен со полиција.

Зекири е осомничен за злоупотреба на службената положба во случај со јавни набавки. Обвинителството бара притвор, а Зекири денеска поднесе оставка на функцијата генерален секретар во Владата.

Изутрината, Јавното обвинителство во соопштение посочи дека е издадена наредба за истрага против двајца хрватски државјани и еден македонски висок функционер во Владата кој е првоосомничен и дека за нив од Судот побарале да им изрече мерка притвор.

„Во периодот од месец април 2021 година до месец јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба првоосомничениот без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани. Со преземените дејствија осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на Буџетот на Р.Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, се вели во соопштението на Обвинителството“.