Блинкен ја потврди посветеноста на САД за испраќање оружје во Украина

Американскиот државен секретар Антони Блинкен

Американскиот државен секретар Антони Блинкен изјави дека Вашингтон нема да дозволи ништо да застане на патот да и го испрати на Украина оружјето што и е потребно во нејзината борба против Русија.

Зборувајќи денеска пред новинарите во седиштето на НАТО во Брисел, Блинкен рече дека САД разгледуваат какво ново оружје можат да и испратат на Украина.

Тој рече дека постои поголема одлучност од било кога за да се застане со Украина.

Блинкен, исто така, рече дека Русија мора да одлучи дали сака да се вклучи во позначајна дипломатија со Украина. Посочи дека пријавените убиства на цивили во градот Буча не се главен фактор во мировните преговори, но додаде дека е можно руските сили да направат повеќе „злосторства“ во делови на Украина.

„За секој Буча има многу повеќе градови што Русија ги окупирала и сè уште ги окупира, места каде што мора да претпоставиме дека руските војници во моментов вршат злосторства“, рече Блинкен.

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба претходно изврши притисок врз НАТО за повеќе оружје поради очекувањата дека Русија ќе ги репозиционира своите сили пред да започне голема офанзива во југоисточна Украина.

Кулеба очекува неговата земја да биде снабдена од НАТО со сето оружје што и е потребно за да се одбрани, но отвореното прашање е кога ќе пристигне тоа оружје.

„Дискусијата не е за списокот на оружје. Дискусијата е за временската рамка“, рече Кулеба, додавајќи дека колку повеќе оружје добие Украина и колку побрзо пристигне, толку повеќе човечки животи ќе бидат спасени.

На денешниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО, членките на НАТО се согласија да ја засилат поддршката за Украина. Како што предупреди генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, на прес-конференција, светот мора биде подготвен за долгогодишен конфликт во Украина.

Руската инвазија започна на 24 февруари. Само неколку дена претходно, Русија ги призна таканаречените републики Доњецк и Луганск на источната граница на Украина.