Членките на НАТО се согласија да ја засилат поддршката за Украина, изјави генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција по денешниот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата. Тој предупреди дека светот мора биде подготвен за долгогодишен конфликт во Украина.
„Разговаравме за тоа што друго ќе направиме, вклучително и помош за сајбер безбедноста и обезбедување опрема што ќе помогне да се заштити Украина од хемиски и биолошки закани“, изјави рече тој.
Столтенберг рече дека сојузниците обезбедуваат широк спектар на различни системи за оружје, како што се оние од советската ера, но и помодерни. Притоа не сакаше да даде детали за видот на оружјето, ниту за временската рамка.
„Војната може да трае со недели, месеци или дури години“, рече Столтенберг, додавајќи дека сојузниците „наметнуваат високи трошоци“ за Русија преку санкциите, со цел да помогнат во скратувањето на конфликтот.
Тој рече дека ако војната трае долго, најголемиот ризик ќе го сноси украинскиот народ.
„Колку подолго трае војната, толку е поголем ризикот за ескалација на конфликтот надвор од границите на Украина “, рече тој и додаде дека НАТО се фокусира на спречување на таа ескалација.
Претходно украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, кој беше на средбата на НАТО, истакна дека на неговата земја итно и треба повеќе оружје за да се одбрани од Русија.
Тој повика на испраќање на повеќе авиони, системи за противвоздушна одбрана, ракети и воени возила од сојузниците на НАТО пред средбата со министрите за надворешни работи на НАТО. Кулеба, исто така, рече дека Украина ќе продолжи со барањата од Западот за ембарго за нафта и гас кон Русија.
Руската инвазија во Украина започна на 24 февруари.