Сенатот на САД одобри предлог закон кој ќе олесни испраќање оружје за Украина

Украински војник на фронтот, 22 февруари 2022

Сенатот на САД едногласно го одобри предлог законот со кој ќе му помогне на американскиот претседател Џо Бајден да испрати оружје и други материјали за Украина додека таа се обидува да се одбрани од инвазијата на Русија.

Нацрт-законот одобрен од Сенатот доцна синоќа, дава зголемени овластувања на Бајден да склучува договори со Киев за позајмување или изнајмување одбранбени предмети на Украина за заштита на цивилното население од руската воена инвазија, како и за други цели, без да внимава на извозните регулативи кои може да го забават процесот.

Во претставувањето на законот, наречен Акт за заем за одбрана на демократијата на Украина од 2022 година, водачот на мнозинството во Сенатот Чак Шумер ги нарече убиствата на цивили во Украина „чисто зло“, додавајќи дека руските трупи вршат „геноцид“ во земјата.

„Кога убиваме бесмислено невини цивили поради она што се, без разлика дали се работи за нивната религија, нивната раса или нивната националност, тоа е геноцид, а [рускиот претседател Владимир] Путин е виновен за тоа“, рече Шумер.

Програмата за заеми последен пат беше користена за време на Втората светска војна, кога САД им пружија помош на сојузничките земји кои се бореа против нацистичка Германија, главно на Советскиот Сојуз и Велика Британија. Многу историчари велат дека тоа помогнало да се направи рамнотежата во војната, во корист на сојузниците.

Предлог-законот сепак мора да биде одобрен од Претставничкиот дом и потпишан од претседателот Бајден.