Боки 13 доби 9 години затвор, Ременски ослободителна пресуда

Бојан Јовановски, обвинет во предметот „Меѓународен сојуз“

Вкупно 9 години казна затвор доби првообвинетиот неформален сопственик на 1ТВ Бојан Јовановски Боки 13 во предметот „Меѓународен сојуз“. Тој е осуден за кривични дела поврзани со измама и перење пари преку невладината организација „Меѓународен сојуз“.

Второбвинетата во овој предмет заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Ерцеговиќ доби 4 години казна затвор. Додека асистентката на Боки 13 - Христина Блажевска, која се товари за помагање во делата што ги извршил првообвинетиот е ослободена од обвинението за измама, бидејќи како што изјави судијката јавниот обвинител не докажал дека таа сторила кривичното дело, но е виновна за перење пари при што доби условна затворска казна од една година.

Меѓу обвинетите е и поранешната пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски, која се гонеше за помагање во делото измама. Судот денеска ја ослободи од обвинението, затоа што, како што вели судијката во предметот, јавниот обвинител не прикажал доволно докази дека таа сторила кривично дело.

Како петтообвинет во случајот е таткото на Боки-13, Миле Јовановски. Судот денеска му пресуди со казна затвор од две година за две од трите кривични дела за кои беше гонет.

Отворени прашања за случајот Кичеец

За него обвинителството тврдеше дека помагал во кривичното дело перење пари, а се гони и за делото неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација Меѓународен сојуз и ќе треба да плати еден милион денари.

Според обвинителниот акт, во периодот од 8 јули 2017 година до 13 април 2018 година првообвинетиот, како претседател на обвинетата невладина организација Меѓународен сојуз ги довел во заблуда и измамил двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски со проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси и дале речиси еден милион евра – Мицевски сума од 700 илјади луѓе, а Амзоски 200 илјади евра.

Според обвинението Јовановски лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност, и тоа 719 905 евра, односно 233 821 евра во денарска противвредност.

Обвинетите, пак, во текот на целиот судски процес ги отфрлаа обвинувањата и тврдеа дека станува збор за реални проекти, а не за измама. Јовановски во своите заврши зборови рече дека тие биле измамени од политичарите и злоупотребени од власта.