Продолжува состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг

Во Брисел продолжува состанокот на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на првиот ден од состанокот изјави дека војната на Русија со Украина може да трае долго, бидејќи претседателот Владимир Путин не покажува знаци за промена на „неговата амбиција да ја контролира целата“ земја. „Мораме да бидеме реални и да сфатиме дека ова може да трае долго, многу месеци, дури и години“, рече Столтенберг, додавајќи: „И тоа е причината зошто ни треба исто така, да бидеме подготвени за долги патеки, и кога станува збор за поддршка на Украина, одржување санкции и зајакнување на нашата одбрана“.

Столтенберг предупреди дека Русија се фокусира на источна Украина

Столтенберг рече дека разузнавачките извештаи покажуваат оти Русија ги репозиционира своите трупи за голема офанзива во источниот дел на Украина за да заземе доволно област за да создаде копнен мост меѓу Русија, која ја започна својата инвазија на 24 февруари, и Кримскиот Полуостров што незаконски го анектираше од Украина во 2014. „Треба да ја поддржиме Украина, да ги одржиме нашите санкции и да ја зајакнеме нашата одбрана и нашето одвраќање“, рече тој. Столтенберг во врска со убиствата на цивили во украинскиот град Буча оцени дека станува збор за бруталност, каква што не е видена во Европа со децении. „Тоа е ужасно и е апсолутно неприфатливо“, рече Столтенберг.