Официјален Киев им нареди на жителите во источните региони на земјата да се евакуираат „сега“ или во спротивно „ризикуваат смрт“ поради страв од нов руски напад.
„Гувернерите на регионите Харков, Луганск и Доњецк го повикуваат населението да ги напушти овие територии и прават се за евакуацијата да се одвива на организиран начин“, напиша вицепремиерката Ирина Верешчук на Телеграм.
Украинските власти најавија дека за денеска се планирани нови конвои евакуирани од опколените градови. Засега преку Меѓународниот Црвен крст е потврдено дека дел од жителите на Мариупол, од кои околу 500, успеале со приватни автомобили да го напуштат градот и да стигнат до Запорожје.
По повлекувањето од Киев минатата недела, руските сили го пренасочија нападот кон југот и истокот на Украина.
Генералштабот на Украина објави дека североисточниот град Харков, вториот по големина во земјата, сè уште е нападнат, додека властите во источниот регион Луганск ги повикаа жителите да ја напуштат областа, која очекуваат и да бидат цел на нова офанзива.
Во меѓувреме, десет високи згради беа запалени во Сиеродонецк откако руските сили го гранатираа градот, изјави гувернерот на регионот во објава на интернет. На југ, гувернерот на регионот Доњецк изјави дека најмалку двајца цивили загинале, а пет се ранети кога руската артилерија го погодила пунктот за дистрибуција на хуманитарна помош во градот Вухледар.