ОН загрижени за можните воени злосторства во Украина

Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Башелет

Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Башелет рече дека фотографиите од украинскиот град Буча и други области „покренуваат сериозни и вознемирувачки прашања за можни воени злосторства, сериозни прекршувања на меѓународното хуманитарно право и сериозни прекршувања на човековите права“.

Изјавата доаѓа по појавата на извештаи дека стотици цивили биле застрелани и фрлени во масовни гробници или оставени на улиците во киевското предградие Буча од страна на руските сили кои се повлекле од областа откако ја контролирале неколку недели.


Москва ги отфрли обвинувањата, а различни високи функционери на Кремљ ги опишуваат како „провокација“ со цел да се дискредитира Русија. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска рече: „Категорично ги отфрламе сите наводи“. Тој додаде дека Русија бара состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за да се реши она што Москва го оцени како „украински провокации“.

Велика Британија, која во моментов претседава со Советот за безбедност, соопшти дека телото ќе разговара за Украина на утрешната седница.
Светските лидери ги осудија убиствата. Украинските власти објавија дека 410 убиени цивили биле оставени на улиците низ Буча.