ЕУ дебатира за нов пакет санкции против Москва по убиствата во Буча

Мртви тела на мажи убиени одблизу со врзани раце во украинскиот град Буча, 3 април 2022

Европската унија започна дискусии за нови санкции против Русија по извештаите, изјави денеска шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.

„Ние стоиме во целосна солидарност со Украина и со украинскиот народ во овие мрачни часови за целиот свет“, рече Борел, нарекувајќи го изготвувањето на новиот пакет санкции „прашање на итност“.

До ова дојде откако во јавноста беа објавени фотографии и извештаи за стотици цивили кои биле застрелани и фрлени во масовни гробници или оставени на улиците во киевското предградие Буча од страна на руските сили кои се повлекле од областа откако ја контролирале неколку недели.

Фотографиите кои наводно прикажуваат тела на егзекутирани цивили со врзани раце шокираа многумина и поттикнаа повици за засилени санкции против Русија и кривично гонење на сторителите.

Москва ги отфрли обвинувањата, а различни високи функционери на Кремљ ги опишуваат како „провокација“ со цел да се дискредитира Русија.

Русија мора да одговара, се зголемува осудата на убиствата во Украина

Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт изјави дека европските претставници „ќе мора да разговараат за запирање на испораките на гас од Русија“, иако германскиот канцелар Олаф Шолц претходно се спротивстави на санкциите насочени кон рускиот извоз на енергија.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека постојат индиции дека руските сили извршиле „воени злосторства“ во Буча.

„Она што се случи во Буча бара нова рунда санкции и многу јасни мерки“, изјави Макрон.

Тој додаде дека дополнителните санкции треба да бидат насочени кон рускиот извоз на јаглен и нафта.

Украинските власти соопштија дека телата на најмалку 410 цивили се пронајдени во областа околу Киев што до минатата недела беше контролирана од руските сили.

Според соопштението на руското министерство за надворешни работи, сите руски единици се повлекле од Буча на 30 март, еден ден откако Москва најави намалување на интензитетот на операциите во северна Украина.