Кандидатот за премиер на унгарската опозиција ако дојде на власт ќе го екстрадира Груевски

Петер Марки-Зај

Кандидатот на обединетата опозиција за премиер на изборите во Унгарија, Петер Марки-Зај во интервју за унгарскиот сервис на Радио Слободна Европа на прашање дали доколку дојде на власт ќе го екстрадира поранешниот македонски премиер Никола Груевски, кој доби азил во неговата земја кратко одговара дека тоа ќе го направи веднаш.

Груевски во ноември 2018 година избега во Будимпешта откако беше осуден на двегодишна затворска казна за предметот на СЈО, „Тенк“ за набавката на луксузниот мерцедес од 580.000 евра. Судот во Унгарија во јуни 2019 година донесе одлука да не го екстрадира Груевски, откако тоа го побараа македонските власти. Според Судот во Будимпешта, не биле исполнети услови за негова екстрадиција во Северна Македонија.

Лидерот на опозицијата во интервјуто зборува и за надворешните односи на земјата и војната во Украина. Тој посочува дека интересите на Унгарија се исти како и на секоја друга источноевропска земја. Изборите во Унгарија се одржуваат на 3 април.