ОН - Повеќе од 4 милиони Украинци ја напуштиле земјата

Украински бегалци во Полска.

Обединетите нации (ОН) соопштија дека повеќе од четири милиони Украинци досега ја напуштиле својата земја за да избегаат од неиспровоцираната руска инвазија.

Според Агенцијата на ОН за бегалци УНХЦР, вкупниот број бегалци до 29 март напладне изнесувал 4,02 милиони, а повеќе од половина од вкупниот број стигнале во Полска.


„Бројот на бегалците од Украина сега е 4 милиони, на пет недели по почетокот на рускиот напад“, напиша денеска на Твитер високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди.

Тој додаде дека штотуку пристигнал во Украина за да разговара за начините за зголемување на поддршката „на луѓето погодени и раселени од оваа бесмислена војна“.


УНХЦР првично процени дека вкупниот број бегалци создадени од војната може да биде до четири милиони. Повеќе од шест милиони други лица се внатрешно раселени во Украина, според Меѓународната организација за миграција на ОН (ИОМ).

Пред инвазијата која Русија ја започна на 24 февруари, Украина имаше 37 милиони жители во регионите под контрола на украинската влада, со исклучок Крим кој е анектиран од Русија и регионите на истокот кои беа контролирани од сепаратистите поддржани од Русија.